Кошарка

Јакимовски: Се надевам дека во ноември ќе играм за репрезентацијата

Јакимовски: Се надевам дека во ноември ќе играм за репрезентацијата

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Јакимовски останува уште една сезона во НЦАА со тоа што по четири години на Вашингтон Стејт, сега ќе биде член на Универзитетот Колорадо.

Веќе в петок тој се враќа во САД каде ќе работи следните два месеца со цел што поподготвен да ја дочека новата сезона. Неговиот ангажман можеби најмногу ќе ја погоди репрезентацијата на која ѝ е потребен во продолжение од квалификациите за Европското првенство.

Сепак, Јакимовски изрази надеж дека тоа можеби ќе се смени и ќе биде дел од ноемвриските натпревари, против Литванија.

„Секогаш кога се собирите на националниот тим, без оглед на тоа дали во февруари или во ноември, ми доаѓаат некои слики во кои се гледам себеси како сум дел од тимот. А, сепак сум толку далеку, илјадници километри. Она што можам да го кажам, да го ветам во овој момент е дека јас сум секогаш тука, на располагање. И во моите први контакти со новиот тренер, со менаџерскиот тим, го потенцирав тој момент, секогаш, доколку е тоа можно, да бидам со своите соиграчи од репрезентацијата, макар и на една недела. Се надевам дека овојпат ќе наидам на разбирање кај сите во мојот нов тим, и дека веќе во ноември ќе бидам тука за наредните репрезентативни предизвици“, вели Јакимовски.

To top