Mакедонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски најверојатно останува во НЦАА уште една сезона со тоа што идната сезона ќе настапиува за друга екипа.
Тој официјално стана играч на Универзитетот Колорадо Болдер, односно тимот на овој колеџ – Бафало.
Таму оди по четири сезони поминати на Универзитетот Вашингтон Стејт каде испиша важни страници во историјата на тимот. И покрај потписот, Јакимовски ќе се обиде да се избори за влез во НБА преку драфтот, односно ќе оди на проба во неколку екипи, а доколку не успее, ќе го облече дресот на Колорадо.
Главен иницијатор на трансферот на Јакимовски е тренерот на Бафало, Тед Бојл кој четири години ги следел настапите на македонскиот репрезентативец и е негов голем фан. Според начинот на игра, Колорадо повеќе ќе му одговара на Јакимовски отколку што тоа беше случај со Вашингтон Стејт.
Оваа сезона Колорадо Бафало, кој се натпреваруваше во истата дивизија како Вашингтон Стејт, стигна до 1/16-финалето на НЦАА лигата каде загуби од Маркет со 77-81. Еден од најпознатите играчи кои излегле од овој универзитет е поранешниот НБА шампион Чонси Билапс, а покрај него, играчи на Бафало биле и Спенсер Динвиди, Дерик Вајт, Џабари Вокер, Кори Хигинс, како и поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Џош Скот.
View this post on Instagram