Македонските кошаркари со убедлива победа ги стартуваа претквалификациите за Евробаскет 2029. Во Скопје на домашен терен беше совладана селекцијата на Азербејџан – 87:49.
Повратникот во репрезентацијата Андреј Јакимовски беше најдобриот на терен со 25 поени и 11 скокови.
– Ова е прв добар чекор за нас во овој циклус. Влеговме како фаворити и го оправдавме тоа. Има уште многу до нашата посакувана цел и форма. Но како што кажав, ова е добар чекор кон тоа. Сме на добар пат и се надевам дека во наредните циклуси ќе бидеме комплетни, сите заедно и нашиот фокус е на Ирска. Мислам дека се работи за посилна селекција од Азербејџан и нашиот фокус е таму, од ден на ден да бидеме подобри. Овој период е доста краток, но мора да го искористиме за да се воиграме и запознаеме. Мур е одличен играч, го имаме и Вајли. Наше е да се подобруваме од ден во ден, и да го дадеме нашиот максимум, изјави Јакимовски.
Македонскиот репрезентативец се осврна и на претходната ситуација:
– Имав доста измешани емоции на кам-бекот во репрезентацијата. Сакав и претходно да играм, но поради некои оправдани причини не можев. Среќен сум што сум тука, ќе се јавувам на повикот на селекторот ако сум спремен и здрав. Задоволен сум и лично како одиграв, иако секогаш може подобро.
Следен противник во групата ни е Република Ирска, а натпреварот се игра во недела од 18 часот.