Кошаркарите на скопски ТФТ испишаа вечерва нова страница во клупската историја, откако обезбедија дебитантски настап во полуфиналето на АБА 2 лигата, триумфирајќи во решавачкиот трет натпревар од четвртфиналето против Златибор на гостински терен со 90-80.
Македонскиот состав одлично го почна натпреварот и по водството од 28-15 по првата четвртина, на средина од вториот период ја зголеми предноста на +15 (30-15). Сепак, Златибор одговори со серија од 15-3 и дојде на само два поени негатива (38-36) до полувремето.
Второто полувреме донесе резултатска неизвесност во која двете екипи се менуваа во водство, но кошаркарите на ТФТ влегоа во ритам во завршницата и обезбедија историско полуфоинале во кое ќе играат против Сутјеска.
Говенс со 23 поени беше најефикасен во редовите на ТФТ, додавајќи шест скокови и осум асистенции. Зафиров уфрли 14 поени, а Стојанов еден кош помалку.
Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Широки брег и Хелиос Домжале. (МИА)