По натпреварот со Азербејџан своето видување го сподели селекторот Марјан Илиевски.
Тој не го криеше задоволството, ама нагласи дека ова е само почеток и циклусот, како и целиот пат е многу долг.
„Ова беше заслужена победа, морам да ја пофалам тимската хемија и енергија која постои во овие три дена. Никогаш ниту преценуваме, ниту потценуваме некого, но мора да ги пофалам играчите дека за краток период функционираа одлично и тоа што го покажаа на теренот и на самиот семафор, е заслужено. Сега ни следи патување за Ирска овој дуел со Азербејџан го забораваме и архивираме и да се спремиме за она кое ни следи. Како и за секој меч е исто, мора да направиме добар скаутинг и во краткиот период да ги рехабилитираме играчите кои имаат поголема минутажа и се повозрасни. Мора да функционираме со енергија на високо ниво, а без разлика кој е на другата страна, мора да бидеме максимални“, изјави Илиевски.
Селекторот го коментираше и дебито на новиот Американец Мур од Валенсија за кого кажа само пофални зборови.
„На овој меч играше Мур затоа што имаа промена во натурализирани играчи, па ние решивме да користиме играч на бековската позиција. Секако дека Мур ги оправда очекувањата на стартот, иако дојде по меч пред два дена во Минхен. Се вклопивме добро и станува збор за вистински професионалец и позитивна личност која што во текот на натпреварот можеби јавноста очекуваше дека ќе се случуваат атракции и многу поени, сепак, донесе стабилност и ја држеше целата екипа со искуството. Добро ја постави својата игра и си ја заврши задачата“, истакна тој.
Време за одмор ќе нема, Македонија веќе за три дена ѝ гостува на селекцијата на Ирска во Даблин