Европската недела на кошарката организирана од Специјална Олимпијада Северна Македонија заедно со федерацијата викендот обедини повеќе од 100 атлети, тренери, партнери, поддржувачи и кошаркари, на еден кошаркарски терен, во СЦ „Кале“ во Скопје.
– Како дел од активностите, лицата со интелектуална попреченост, заедно со нивните партнери во Јунифајд (Unified) тимови, учествуваа во рекреативни кошаркарски игри. Преку заземање активно учество на атлетите во Европската недела на кошарката, заедно со ФИБА и Кошаркарската Евролига, Специјална Олимпијада на Северна Македонија повика на еднаквост и ја нагласи потребата за еднакви можности за сите, соопштја од Специјална олимпијада.
Дополнително, во соработка со “Лајонс Алфа Клуб“ Скопје, на натпреварите им претходеше преглед на очите реализиран во рамки на програмата “Opening Eyes®”.
– Една од нашите главни задачи како огранок на Интернационалната Специјална Олимпијада е промовирањето на инклузивноста преку спортот – на терен, но и пошироко. Низ активностите кои ги реализираме на годишно ниво со атлетите, меѓу кои и Европската недела на кошарка, во пракса демонстрираме дека доколку на лицата со попреченост им се подаде рака и се вклучат во различни општествени сфери, добиваат можност да бидат еднакви како останатите, изјави Моника Бошкоска, Претседател на Специјална Олимпијада Северна Македонија.
Организаторите изразија благодарност до сите партнери, учесници и волонтери за нивниот континуиран придонес кон оваа заедничка мисија.