Грчки Олимпијакос пред два дена го победи Реал, а сега на домашен терен ја декласира Барселона со 98:74.
Кај Олимпијакос најефикасен беше Еван Фурние со 19 поени (15 од нив постигна во второто полувреме), еден помалку имаше Саша Везенков, додека српскиот центар Никола Милутинов постигна 12 поени.
Кевин Пантер со 18 поени беше најдобар во тимот на Барселона.Олимпијакос во следната рунда го чека градското дерби со Панатинаикос, а Барселона ќе има шпански дуел против Басконија.
Макаби во трилер-завршница успеа да го победи Реал со 79:78. Реал во финишот влезе со предност од седум поени, но завршницата им припадна на кошаркарите на Макаби. Риверо со тројка намали на 77:78, а потоа тренерот Каташ реши да го брани последниот напад на Реал.
Макаби успеа да се одбрани, за напад останаа шест секунди, топката ја зеде Себијен Ли, кој погоди со звукот на сирената преку Габриел Дек. Двата тима имаат по три победи и четири порази.
Армани Милано славеше над Виртус Болоња во италијанското дерби во седмото коло од Евролигата. Екипата чии дрес го носи Ненад Димитирјевиќ победи со 99:90.
Избраниците на Еторе Месина, кој не го водеше тимот поради болест, стигнаа до вториот триумф и со тоа ја прекинаа серијата од три порази во низа, Виртус остана на една победа, а ова им е шести пораз.
Милано го предводеше Никола Миротиќ со дабл-дабл учинок со 21 поен и 13 скока, двоцифрени беа и Зек Ледеј со 19 поени, односно Фабиен Козер кој овој меч го заврши со 18 поени. Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ натпреварот го заврши со шест поени, два скока и девет асистенции.
Кај Виртус најмногу поени имаше Торнике Шенгелија со 25, Марко Белинели постигна 20 (пет тројки), а целосно потфрли Вил Клајбурн кој постигна само два поени од линијата за слободни фрлања.