Кошарка

Евролига: Драма во Истанбул, Дубаи го „сруши“ Милано!

Евролига: Драма во Истанбул, Дубаи го „сруши“ Милано!

Во најголемото дерби на вечерта, Фенербахче славеше над Барселона со минимални 72-71. Херој на вечерта беше Вејд Болдвин, кој во последните секунди погоди три слободни фрлања, а потоа со блокада го сопре обидот на Кевин Пантер за победа.

Тален Хортон-Такер и Тарик Биберовиќ постигнаа по 16 поени за тимот на Шарунас Јасикевичус, додека кај Каталонците најефикасен беше токму Пантер со 20 поени.

Дубаи славеше против Милано со 99-92 во меч каде доминираше од почеток до крај. Двејн Бејкон со 25 поени беше нерешлива енигма за италијанскиот тим, додека Мекинли Рајт додаде 19 поени и 9 асистенции.

Во Минхен, Светислав Пешиќ испиша историја како најстар тренер во историјата на Евролигата (76 години), но неговиот Баерн не успеа да го сопре лидерот Хапоел Тел Авив. Израелскиот тим славеше со 82-72, нанесувајќи му го деветтиот пораз во низа на баварскиот гигант. Елајџа Брајант со 18 поени го предводеше Хапоел до 13-тата победа сезонава.

Панатинаикос покажа шампионски карактер во Каунас. Иако Жалгирис водеше со 10 поени на полувреме, „зелените“ од Атина стегнаа во одбраната и со фантастична последна четвртина славеа со 92-85Џеди Осман (22 поени) и Кендрик Нан (21 поен) беа клучни за триумфот на ПАО.

Валенсија на домашен терен ја совлада Басконија со 91-81. Иако гостите се обидоа да направат пресврт во финишот, тимот на Педро Мартинез остана присебен. Метју Костело со 18 поени и 6 скока беше прво име кај победниците.

Како што веќе објавивме, Париз ја „торпедираше“ Црвена Звезда со 102-92. Со фуриозна серија од 20-3 во третиот период, Французите ги решија сите дилеми. Залудни беа рекордните 31 поен на Џаред Батлер за белградскиот тим.

Теми на денот

To top