Кошаркарскиот клуб на Париз на македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс успеа да слави во шпанската престолнина, па на крајот оствари и комотен триумф од 73:81.
Париз диктираше темпо од самиот старт и на полувреме замина со дцоцифрена предност, па иако Реал се закани во третата четвртина, немаше доволно сили за пресврт во клучниот период.
Гостите одолеаа на притисокот и со цврста одбрана го неутрализираа фаворизираниот тим, а со тоа се израдуваа на голема победа со обезбедено седмо место во плејофот.
Шортс беше играч број еден на теренот со 23 поени, 9 асистенции и 2 скока.
Далеку подраматично и понеизвесно вечерва беше во Минхен, каде Баерн после продолжение успеа да ја урне Црвена Звезда и да ја елиминира од Евролигата. Баерн помисли дека ја обезбеди победата кога Едварс погоди за 84:82 на две секунди пред крајот, но гостите успеаја да изведат импресивна акција во следниот напад и преку Петрушев да изборат продолжение.
Во дополнителните пет минути, Звезда отвори многу лошо и дојде до негатива од пет поени, што на крајот се покажа како пресудно за пораз од 97:93.
На овој начин, Баерн си обезбеди уште еден натпревар за пласман во плејофот, а противник ќе му биде поразениот Реал Мадрид.