Кошаркарите на грчкиот клуб Промитеас го совладаа германскиот Вирцбург со 119:115 по две продолженија во натпреварот од петтото коло од групата И од ФИБА Лигата на шампионите.
Натпреварот го одбележа феноменалниот бек на Промитеас, Џордан Вокер, кој постави нов рекорд во натпреварувањето постигнувајќи 54 поени.
Тоа го направи со 3/6 удари за два поени, 9/13 за три поени, додека од линијата за слободни фрлања беше речиси беспрекорен со 21/22 удари. Покрај тоа, имаше по седум скокови и асистенции, како и три украдени топки.
Претходниот рекорд во натпреварувањето го држеа Кејфер Сајкс и Сабен Ли, кои постигнаа по 43 поени.