Кошаркарите на МЗТ Скопје ја продолжија доминацијата кога се говори за трофеи во мак-баскетот.
Потешко од очекуваното, аеродромци го совладаа Кожув (71-64) кој за првпат играше за трофеј и така го освоија Суперкупот на Македонија.
За „штрковите“ предводени од тренерот Васко Атанасов ова беше осмо одличје во настанот кој е увертира за новата сезона во мак-баскетот.
„Видовме доста неизвесен меч, јас и во најавата кажав дека ни следи интересен дуел. Се надевам дека публиката уживаше. За нас, ние сме се уште еден нов тим, екипата кој ја видовте на терен е заедно помалку од десет дена и имаа само еден меч заедно. Некои работи кои требаше да ги правиме подобро не ги правевме, но знам дека ќе ги исправиме. Имам екипа на победници, искусни и добри играчи, за кои немам сомнеж дека ќе играат доста подобро во иднина“, изјави Васко Атанасов по победата.
МЗТ Скопје е главен фаворит и за другите два трофеи на домашната сцена, а исто така ќе ја претставува Македонија во АБА-2 Лигата.