Капитенката на женската кошаркарската репрезентација на Македонија, Анџелика Митрашиновиќ објави дека е време за спортска пензија.
Митрашиновиќ преку социјалните мрежи испрати емотивна порака во која ги сподели своите намери, се заблагодари на спортот кој ѝ го обликува животот и најави дека ова не е крај, туку почеток на ново поглавје.
„По толку години во кошарката, дојде време да се збогувам од професионалното играње. Од дете кое сонуваше, стигнав да го живеам тоа како професионалец. Оваа игра ми го смени животот на начини кои не можам ниту да ги опишам. Ми даваше лекции, незаборавни моменти и второ семејство. Низ жртвувањето, напорната работа, повредите, победите и поразите. Секој чекор ме обликуваше во ова што сум денес. Заминувам со полно срце и бескрајна благодарност. Можеби го соблекувам дресот, ама љубовта кон играта останува. Ова не е крај, туку почеток на ново поглавје“, напиша Митрашиновиќ.
Во својата кариера Митрашиновиќ преку ЖКК Младинец и Бадел 1862 дојде до настапи во странство каде настапуваше за Челик од Босна и Херцеговина, Будуќност од Црна Гора, Тарб од Франција, Монтана од Бугарија, Пјештанске Чајки од Словачка и Фрибург од Швајцарија. Во меѓувреме имаше и еден кам-бек во мак-баскетот во кој го водеше Баскет Кам до домашните титули.