Фудбалските тимови на Воска и Гостивар ги продолжуваат настапите во Купот на Македонија, а билет за следната рунда обезбеди и тимот на Македонија ЃП по подобрата пенал-завршница во пресметката со Беласица.
Воска со два гола во финишот го скрши отпорот на Башкими на гостувањето во Куманово и победи со 2-0.
Домаќините одолеваа се до 89. минута кога Донарт со удар со глава ги донесе гостите од Охрид во водство, а печат на победата на Воска стави Осеи со пенал во судиското продолжение.
Гостивар рутински ја оправда фаворитската улога против Победа, лесно славејќи со 3-1. Ивановски, Ашике и Ајдини донесоа предност од 3-0 за гостиварци, по што гостите од Прилеп успеаја само да го ублажат поразот.
Најинтересно беше на второлигашкиот дуел меѓу Беласица и Македонија ЃП, на кој гостите со пенал-рулет стигнаа до билет за следната фаза (2-2). Струмичани имаат за што да жалат бидејќи имаа водство од 2-1 до 79. минута.
Тогаш Велкоски од белата точка израмни на 2-2, а „лавовите“ беа максимално прецизни и во петте серии од пенал-рулетот, додека на спротивната страна како клучно се покажа промашувањето на Милушев во петтиот пенал за Беласица.