Тешка сообраќајна несреќа ја потресе Италија и клубот Интер Милано, откако резервниот голман на тимот, Жозеп Мартинез, беше вклучен во инцидент во кој загина 81-годишен маж.
Според италијанските медиуми, трагедијата се случила во местото Фенегро, во близина на Милано, околу 9:40 часот наутро. Мартинез со својот автомобил удрил постар човек кој се движел со електрична инвалидска количка. Иако итната помош пристигнала веднаш, повредениот бил прогласен за мртов на лице место.
Полицијата веднаш извршила увид и покренала истрага за утврдување на околностите на несреќата. Засега нема информации дека голманот возел пребрзо или под дејство на алкохол.
Клубот Интер сè уште не излезе со официјално соопштение, но италијанските медиуми пишуваат дека Мартинез е во шок и под психолошки надзор, бидејќи трагедијата длабоко го погодила.
27-годишниот Шпанец пристигна во Интер летово од Џенова и досега беше втор голман зад Јан Сомер.