Фудбалер и еден член на стручниот штаб на алжирскиот прволигашки клуб Молудија Ел Бајад ги загубија животите во сообраќајна несреќа, соопшти синоќа Фудбалската федерација на Алжир (АФФ), додавајќи оти сите фудбалски активности во земјата се прекинати поради трагичниот настан.
Во несреќата која се случила во четвртокот кога клупскиот автобус се превртел во градот Сугуеур во северозападниот дел на Алжир, загинале 27-годишниот голман Закарија Бузијани и помошникот тренер Калид Мухтаф.
„Претседателот на Фудбалската федерација на Алжир, Валид Садија, со огромна тага ја прими веста која го потресе клубот Ел Бајад“, се наведува во соопштението на АФФ.
Фудбалскиот клуб Ел Бајад објави на социјалните мрежи дека другите членови на клубот се во стабилна состојба. (МИА)