Лондонски Тотенхем е заинтересиран да го донесе во своите редови во зимскиот преоден рок 31-годишниот Рахим Стерлинг, кој претходно оваа недела го раскина договорот со градскиот ривал Челзи, објавија британските медиуми.
Стерлинг дојде во Челзи во летото 2022 година од Манчестер Сити во трансфер вреден 56 милиони евра.
Во своите први две сезони на „Стемфорд Бриџ“, тој одигра 81 натпревар, постигнувајќи 19 голови, а додаде и 15 асистенции.
Минатата сезона беше на позајмица во Арсенал, каде постигна само еден гол во 28 натпревари.
Според медиумите, Тотенхем не е единствениот клуб од Премиер лигата кој покажува интерес за Стерлинг, за кого се заинтересирани и лондонските прволигаши Вест Хем, Фулам и Кристал Палас.