Фудбалската федерација на Македонија ги поканува сите на отворен тренинг на македонската репрезентација, денеска во 16 часот, пред утрешното заминување во Данска.
-ТЦ „Петар Милошевски“ е отворен за сите, дојдете да ги поздравиме нашите репрезентативци и да им дадеме поддршка пред заминувањето за Копенхаген и натпреварот со Данска. Се гледаме, објавија од ФФМ.
Македонската репрезентација вчера ги започна подготовките за претстојниот плеј-оф натпревар против Данска за пласман на Светското првенство. Под водство на новиот селектор Гоце Седлоски, националниот тим одработи тренинг во тренинг центарот „Петар Милошевски“.
Предводникот на националниот тим на располагање има 28 играчи, а меѓу нив се тројца кои за првпат го носат дресот на македонската репрезентација, дефанзивецот на Борац Бања Лука, Себастијан Ерера, стоперот на тетовска Шкендија, Имран Фетаи и напаѓачот на Сиетл, Дени Мусовски. Во составот има и фудбалери кои по извесна пауза повторно се дел од најдобрата селекција и тоа Бобан Николов од Вардар, Љупче Дориев кој настапува во првенството на Узбекистан и Егзон Бејтулаи од Дрита.
Натпреварот против Данска се игра на 26 март во Копенхаген, а почетокот е закажан за 20 часот и 45 минути. Вториот натпревар во кој противник ќе ни биде Чешка или Република Ирска ќе се одигра на 31 март.