Фудбалската репрезентација на Сенегал дојде до огромен успех, откако со победа над домаќинот Мароко во финалето (0-0 регуларен дел, 1-0) ја освои својата втора титула во Африканскиот Куп на Нации.
Мечот понуди вистинска драма и сцени кои ретко се гледаат на фудбалските терени.
Прекин и повлекување од теренот заради спорен пенал на самиот крај беше во фокусот, а уште повеќе светот го обиколи промашената најстрога казна на домаќинот.
Сенегал уште на самиот почеток покажа дека има јасна намера да го наметне својот ритам. Веќе во шестата минута, по корнер, Папа Гуеј се најде во одлична позиција и упати удар со глава, но мароканскиот голман Боно реагираше сигурно и ја сочува мрежата. Во текот на првото полувреме Мароко тешко доаѓаше до израз. Сенегал беше поагресивен и поконкретен, а покрај воведната шанса, создаде уште една сериозна можност, додека Мароканците речиси и да немаа вистинска закана кон противничкиот гол.
Првата посериозна опасност за Сенегал дојде дури во 58. минута. Ел Кааби се најде во идеална позиција за погодок, но неговиот удар заврши малку покрај левата статива, пропуштајќи можност да го донесе Мароко во водство.
По таа ситуација, темпото на игра значително опадна и мечот влезе во помирна фаза, сè до судиското продолжение, кое донесе неверојатна драма.
Во 90. минута Езалзули се обиде со удар од дистанца, но топката заврши над пречката. Само три минути подоцна, Сенегал успеа да ја затресе мрежата преку Сек, но радоста траеше многу кратко, погодокот беше поништен поради офсајд.
Кулминацијата следуваше во осмата минута од судиското продолжение, кога судијата покажа на белата точка и досуди пенал за Мароко.
Таа одлука предизвика хаос на теренот, а селекторот на Сенегал, револтиран од судиската проценка, донесе радикална одлука и нареди неговата екипа да се повлече од игра.
Сцените што следуваа беа шокантни и ретко видени во светот на фудбалот, но, сепак, по убедување на Садио Мане тимот се врати на теренот. Одговорноста за пеналот ја презеде Брахим Дијаз кој се обиде да погоди со „паненка“, но топката заврши во рацете на голманот и следеа продолженија.
На самиот старт на екстра-времето се покажа дека постои карма за се во животот. Гаје во 94. минута погоди за 1-0 и голема радост за Сенегал.