Шкотскиот фудбалски гигант Селтик го отпушти тренерот Вилфред Нанси, два дена по поразот од Глазгов Ренџерс (1-3).
Четириесетиосумгодишниот Французин, кој го замени Мартин О’Нил минатиот месец, го предводеше Селтик до само две победи на осум натпревари. Селтик е второпласиран во шкотската Премиерлига со 38 бодови, шест помалку од лидерот Хартс.
„Фудбалскиот клуб Селтик денеска објавува дека донесе одлука да го раскине договорот со тренерот Вилфред Нанси. Помошниците на Вилфред, Кваме Ампаду, Жил Геген и Максим Шалиер, исто така ќе го напуштат клубот и со себе ќе ги понесат нашите најдобри желби.
Клубот, исто така, може да потврди дека Пол Тисдејл ја напушти својата должност како раководител на фудбалските операции“, се вели во клупското соопштение.
Претходно, Брендон Роџерс, кој го водеше Селтик до четири титули во шкотската лига во два мандата, поднесе оставка од тренерската должност во октомври, а Питер Ловел, исто така, се повлече од функцијата претседател на клубот минатиот месец.