Македонската фудбалска репрезентација ги доби вечерва противниците за настапот во најновото издание од Лигата на нации во која ќе дебитира во Б сегментот во група со Шкотска, Швајцарија и Словенија.
Предводникот на националниот тим Гоце Седлоски по жрепката во Брисел искажа респект кон репрезентациите со кои ќе се соочиме, но и верба во своите избраници кои можат да докажат дека македонската репрезентација сосема заслужено се наоѓа меѓу нив.
„Шкотска и Швајцарија се главните фаворити во групата. Станува збор за две селекции со континуитет на настапи на големи натпреварувања, учесници и на претстојното Светско првенство. Имаат квалитет и искуство на највисоко ниво. Тоа доволно зборува за предизвикот што нè очекува. Но, ние не влегуваме во овој циклус со улога на аутсајдер. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, без разлика дали играме дома или на гости. Ќе се трудиме да го наметнеме нашиот стил на игра, дисциплиниран, организиран и храбар. Да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б“, изјави Седлоски.
Петтата по ред сезона во Лигата на нации ќе стартува во септември, а групната фаза ќе финишира во ноември.
„Имаме генерација која веќе е зрела, имаме јасна идеја како сакаме да изгледаме на теренот и треба да веруваме во квалитетот. Со максимален фокус, посветеност и тимски дух, верувам дека можеме да одговориме на предизвикот“, додаде македонскиот селектор во изјава за официјалниот сајт на ФФМ.