Македонската фудбалска репрезентација утревечер со жрепка во Брисел ќе ги дознае противниците за новото издание на Лигата на нации, во кое избраниците на селекторот Гоце Седлоски прв пат во историјата ќе бидат дел од Б – сегментот на ова натпреварување во организација на УЕФА.
Македонските фудбалери ја очекуваат жрепката од четвртиот „шешир“ и за можни противници ќе ги имаат репрезентациите на Шкотска, Унгарија, Полска и Израел, од првиот, Швајцарија, Босна и Херцеговина, Австрија и Украина, од вториот и Словенија, Грузија, Република Ирска и Романија, од третиот „шешир“
„Репрезентациите од првиот и вториот шешир објективно влегуваат како фаворити, со оглед на нивниот рејтинг, искуство и континуитет на големи натпреварувања. Но, тоа не значи дека однапред се знае исходот. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, да го наметнеме нашиот стил и да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б“, истакна во изјава за официјалниот сајт на ФФМ селекторот Седлоски, пред утрешната жрепка, која е закажана за 18 часот во Брисел.
Натпреварите од новата сезона во Лигата на нации ќе се играат оваа есен, во периодот од почетокот на септември до крајот на ноември.
„Ќе ги почитуваме сите противници, но најмногу ќе веруваме во себе. Ако бидеме организирани и фокусирани од првата до последната минута, можеме да бидеме незгоден противник за секого. Овој циклус го гледаме како нов чекор за напредок на репрезентацијата и шанса дополнително да го потврдиме нашиот квалитет. Верувам дека репрезентацијата ќе расте низ циклусот натпревари во Лига Б и дека имаме стабилна основа за позитивни резултати“, додаде Седлоски.