Фудбалската репрезентација на Македонија ремизираше без голови против Република Ирска во дуелот на двете поразени селекции по полуфиналниот бараж за пласман на СП 2026. година.
Во 26. минута, Енис Барди се закани од слободен удар, но Каоимхин Келехер беше сигурен и ја оттурна топката во корнер. Само две минути подоцна следуваше речиси пресликан обид на спротивната страна преку Фин Азаз, но без вистинска опасност по голот на Столе Димитриевски — ударот заврши над гредата.
Домашните се заканија уште двапати преку Трој Парот. Првиот негов обид со глава заврши право во рацете на Димитриевски, додека вториот, од коса позиција од десната страна, беше целосно непрецизен.
Во 39. минута, Парот ја пропушти најзрелата шанса за Ирска. Дарко Велковски не реагираше најдобро, што му овозможи на напаѓачот да влезе во чиста позиција, но ударот од околу 12 метри повторно не беше доволно прецизен.
Непосредно пред паузата, во 45. минута, Парот ја затресе мрежата, но погодокот беше поништен поради офсајд.
Со почетокот на второто полувреме, Македонија внесе свежина во составот — во игра влегоа Дени Мусовски и Милан Ристовски во офанзивата, како и Никола Серафимов во одбранбената линија.
Во 50. минута, повторно Парот се најде во изгледна позиција, но шутираше покрај стативата, а пет минути подоцна Азаз се обиде од дистанца, но и неговиот удар не беше прецизен.
Притисокот на Ирците продолжи, а во 62. минута Лијам Скејлс се закани, но Бобан Николов со одличен лизгачки старт го блокираше ударот.
Во завршницата, Мусовски беше во можност, но не го издржа дуелот во противничкиот шеснаесетник. Ирците имаа одлична шанса преку Џони Кени, но Столе Димитриевски одбрани.
До самиот крај, селекторот Гоце Седлоски им даде шанса на поголем дел од резервистите, користејќи ја можноста за ротација и дополнително тестирање на составот.