„Л’Екип“ тврди дека дошло до вербален инцидент денеска на тренингот на француската селекција меѓу селекторот Дидие Дешамп и Едуардо Камавинга.
Дешамп, на прес-конференцијата по мечот рече дека проблем на тимот било тоа што немало соодветна реакција на фудбалерите кои влегле од клупата во второто полувреме, а меѓу нив и фудбалерот за врска на Реал Мадрид, Камавинга. А, во микс зоната свое мислење даде и самиот Камавинга.
„Луѓето мислат дека е лесно вака да се излезе надвор, но не е“ – рече Камавинга.
Како што пишува „Л’Екип“, Дешамп и на тренингот имал сериозни замерки за односот на Камавинга на терен. Со оглед на тоа што денешниот тренинг бил од отворен тип, очигледно било дека меѓу нив двајцата има несогласувања.
Дешамп уште на стартот од тренингот, наводно, пришол до Камавинга со зборовите: „Подготвен си конечно, може да почнеме, или уште ќе се лизгаш?“, алудирајќи на изборот на копачки на Камавинга на мечот со Полска со кои постојано пролизгувал на теренот.
Потоа следеле уште неколку вербални нафрлања меѓу двајцата, но набрзо се се стишало. Камавинга на два од три меча на ЕВРО 2024 влегуваше од клупата, но без некој ефект. Играше само 19 минути во првото коло, а потоа и во ремито со Полска само 29 минути.