Франција и Шпанија ги комплетираа учесниците на завршниот Ф4-турнир во Лигата на нациите, откако по пенали ги елиминираа Хрватска и Холандија. Претходно место на турнирот обезбедија Португалија и Германија.
Франција одигра по планот на домашен терен и ја надополни негативата од Сплит. „Триколорите“ ја совладаа Хрватска со 2-0 со головите на Олис од слободен удар и Дембеле, па се изборија за продолженија. Во додатните 30 минути немаше голови, па патникот на завршниот турнир во Германија го дадоа пеналите каде Французите беа подобри изведувачи.
Шпанија и Холандија одиграа спектакулаен натпревар кој исто така беше решен по пенали. Регуларниот дел заврши со резултат 2-2, а во екстра-времето видовме уште два гола во двете мрежи (3-3). Шпанија беше поконкретна, поведе во првиот дел преку Ојарзабал од пенал, а голманот Фербругер правеше чуда на голот и беше главен виновник зошто „лалињата“ не примија повеќе голови во Валенсија.
На стартот на вториот дел, Холандија од пенал израмни преку Депај, па пак возврати Ојарзабал, за ново водство на Шпанците. Кога сите мислеа дека мечот ќе заврши со победа на „фуријата“, израмни Матсен и следеа екстра-минути во кои Ламин Јамал стрела за Шпанија, а Чави Симонс од пенал за Холандија.
Во пенал-серијата на „Местаља“, сите шутираа сигурно, се до четвртата во која Ланг ја погоди пречката. Одговорноста потоа ја презеде Ламин Јамал, но и тој го промаши со шут во рацете на Фербругер и ја врати Холандија во игра. Трагичар на „лалињата“ беше Мален кој промаши во шестата серија, а Шпанија на Ф4 ја однесе Педри.