Додека европските гиганти допрва ги започнуваат своите битки, низ остатокот од светот квалификациите за Светското првенство 2026, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, влегуваат во својата завршна фаза.
Веќе се познати 17 репрезентации кои обезбедија место на најголемиот фудбалски собир, а листата носи и неколку големи изненадувања.
Ова е првиот Мундијал кој ќе се игра во формат со 48 репрезентации, што овозможи повеќе места за секоја конфедерација и шанса за некои нови земји да дебитираат на големата сцена.
Јужноамериканските квалификации, кои важат за најтешките во светот, веќе ги дадоа своите шест директни патници. Тука немаше големи изненадувања:
Аргентина (актуелен светски првак), Бразил, Уругвај, Колумбија, Еквадор Парагвај.
Азиските квалификации донесоа две големи изненадувања и историски пласман за две репрезентации кои за првпат ќе настапат на Светско првенство, Узбекистан и Јордан. Покрај нив, пласман обезбедија и очекуваните фаворити: Јапонија, Иран, Јужна Кореја, Австралија.
Во Африка, првата репрезентација која обезбеди пласман е полуфиналистот од минатиот Мундијал, Мароко. Во Океанија, пак, единственото директно место, очекувано, му припадна на Нов Зеланд.
Како организатори, пласман автоматски обезбедија Канада, Мексико и САД
Европските репрезентации сè уште не се на оваа листа, бидејќи нивните квалификации штотуку започнаа.
Поради настапите во Лигата на нации, најголемите фаворити како Португалија, Шпанија, Германија и Франција своите први натпревари ќе ги одиграат во септември.