Илкај Гундоган после само една година ја напушта Барселона и прави трансфер во самата завршница од летниот преоден рок, но за да биде уште поинтересно, доскорешниот германски капитен се враќа на местото на кое освои се што можеше да се освои.
Искусниот играч за врска си договори враќање во Манчестер Сити и ќе биде старо-нов играч во системот на Пеп Гвардиола, менаџер кој уште вчера даде зелено светло за комплетирање на операцијата.
Како што јавуваат најугледните медиуми од Шпанија и Британија, Гундоган ова утро ги прецизирал и последните детали од договорот со Манчестер Сити, според кој ќе биде член на „граѓаните“ во операција „еден плус еден“.
Гундоган ќе ја игра новата сезона како важен играч во првиот тим на Гвардиола, но ќе има опција и да го продолжи истиот за уште една дополнителна кампања.
Со овој постигнат договор, Илкај се враќа во клубот во кој ги мина најдобрите играчки денови, но од друга страна и прави и услуга на Барселона, која поради неговата висока плата не можеше да регистрира неколку играчи од првиот тим, меѓу кои и Дани Олмо.
Со раскинатиот договор и заминувањето како слободен агент, Гундоган се откажува од двете години кои му преостануваа во Барселона, па задоволни од оваа зделка ќе бидат сите три страни.