Немаше да биде типичен настап на репрезентацијата на Србија на големите собири, ако не наидеа на проблем уште на самиот старт. По првиот натпревар и минималниот пораз од Англија (0-1), во центарот на вниманието падна изјавата на капитенот Душан Тадиќ.
Играчот за врска не беше задоволен дека остана на клупата за резерви и влезе дури во второто полувреме, па јавно го искажа своето незадоволство. Покрај него, одговор реши да му даде и селекторот Драган Стојковиќ – Пикси.
„Неговиот коментар не е добар. Одлуката Тадиќ да остане на клупата беше моја, тоа беше од тактички причини. Сакав капитенот да биде „свежи нозе“ во второто полувреме за напад над Англичаните. Се беше тактички. Ова беше моја одлука, мое гледиште на ситуацијата. На крајот од денот, јас сум тој што носи одлуки“, изјави Пикси.
Останува да се види каква ќе биде атмосферата во тимот на остатокот од турнирот, бидејќи никогаш не е добро кога селекторот и капитенот немаат добар однос…