Драган Стојковиќ Пикси го објави поширокиот список на Србија за Европското првенство во Германија, листа од која до 7-ми јуни ќе мора да отпаднат најмалку девет фудбалери.
Селекторот на Србија за првиот тренинг повика 35 фудбалери, но јасно е дека билет за Германија можат да добијат 26 според пропозициите на УЕФА.
Србија ќе игра на прво Европско првенство по пауза од 24 години и тоа ќе биде голема настан за нашиот северен сосед, кој во моментов навистина има голема плејада од фудбалери од кои можат да се состават и два тима.
Последниот рок за пријава на конечниот список е 7-ми јуни, па Пикси има уште три недели за да го дефинира тимот кој ќе ја брани гордоста на Србија во Германија.
„Орлите“ на ждрепката се најдоа во групата Ц, а нивни ривали на континенталниот турнир ќе бидат селекциите на Словенија, Данска и Англија.