Мал инцидент во центарот на Атина предизвикале навивачите на израелскиот фудбалски клуб Макаби Тел Авив, кога од засега официјално непознати причини, нападнале маж кој со полесни повреди бил пренесен во болница, јави дописничката на МИА од Атина.
Голем број навивачи на Макаби Тел Авив од вчера се во Атина за денешниот натпревар на израелскиот тим со грчки Олимпијакос во Конференциската лига.
Неофицијално, причина за инцидентот на плоштадот Синтагма било палестинско знаме, кое веројатно го држело друго лице, а не нападнатиот.
Лицето на возраст од околу 30 години се здобило со полесна повреда, а превентивно било пренесено во болница.
Навивачите на израелскиот тим денеска се собраа во во центарот на Атина со израелски знамиња и знамиња на нивниот клуб, а запалија и пиротехнички материјали.