Македонската репрезентација ги започна подготовките за претстојните натпревари, контролен против Саудиска Арабија ( 4септември, Прага) и Лихтенштајн (7 септември, Скопје) од квалификациите за Светското првенство.
Бојан Миовски, кој пред само два дена го реализираше својот голем трансфер во шкотскиот гигант Глазгов Ренџерс, ги сподели своите очекувања од новата страница во клупската кариера, како и очекувањата од натпреварите до националниот тим.
„Кога дојде понудата од Ренџерс не се двоумев, тренерот ми даде дополнителна поддршка и среќен сум поради тоа. Дебитирав против Селтик, прв пат почувствував таква атмосфера, знаеме какво е ривалството меѓу двете екипи. Во Џирона не беше се сјајно, имавме лоша сезона, колективно и индивидуално. Едноставно бев во погрешно време таму и морав да донесам одлука за мојата иднина. Се вратив во шкотската лига кадешто претходно настапував во Абердин, но сега во многу поголем историски клуб.
Имаме позитивна форма во репрезентацијата, се надевам дека ќе го продолжиме тој добар ритам и на натпреварите кои ни следуваат. Треба добро да се подготвиме за Саудиска Арабија која е многу сериозна репрезентација, а потоа максимално да се фокусираме на Лихтенштајн. Денеска нема слаби селекции и однапред добиени натпревари“, вели штипјанецот.