Фудбал

Луис Суарез официјално се прости од репрезентацијата на Уругвај (ВИДЕО)

Луис Суарез официјално се прости од репрезентацијата на Уругвај (ВИДЕО)

Легендарниот уругвајски напаѓач Луис Суарез објави крај на репрезентативната кариера во која за 17 години забележа 142 настапи и со 69 гола стана најдобар стрелец во историјата на оваа репрезентација.

„Во петок ќе го одиграм последниот натпревар за репрезентацијата. Ова е тешка одлука, но ја донесов свесно затоа што дадов се од себе до крајот, а огнот со кој ја претставував мојата земја воопшто не стивнува“, изјави Суарез.

Суарез дебитираше за Уругвај во 2007 година и беше дел од репрезентацијата која заврши на четвртото место на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година, додека во 2011 година со Уругвај го освои јужноамериканското првенство.

На почетокот на оваа година тој го освои третото место со Уругвај на Копа Америка, а токму тој го постигна победничкиот гол против Канада во дуелот за бронза.

„Мојот сон беше моите деца да ме видат како освојувам нешто големо со репрезентацијата. Последниот гол им врати убави спомени иако не се вративме дома со трофејот. „Можев да се збогувам со репрезентацијата веќе тогаш, но откако размислив, решив како сакам да го направам тоа на мојот стадион, опкружен со мои луѓе“, додаде Суарез.

To top