Баерн, Бенфика, Феенорд и Клуб Бриж остварија победи во првите натпревари од плејофот на ЛШ.
Баерн го победи Селтик со 2:1 во Глазгов, Феенорд со 1:0 славеше против Милан во Ротердам, а Бенфика со идентичен резултат го совлада Монако во Кнежевството. Претходно во натпреварот Клуб Бриж ја совлада Аталанта со 2:1.
За гостите во Глазгов мечот почна шокантно. Селтик постигна гол по само 26 секунди. Николас-Герит Кун одлично шутираше и погоди, но Адам Ајда беше во офсајд, попречувајќи го голманот Мануел Нојер, па голот беше поништен.
Баварците брзо се созедоа и доминираа на теренот, но без вистинска опасност до самиот крај на првото полувреме кога Мајкл Олисе постигна одличен гол за 1:0. Баерн го зголеми водството во 49. минута, кога Хари Кејн погоди по нафрлувањето од корнер. Голот на Јапонецот Дајзен Маеда во 79. минута донесе трошка надеж за шкотскиот шампион пред реваншот во Минхен на 18. февруари.
Феенорд го совлада Милан со 1:0 на својот стадиот „Де Куип“. Првата голема шанса ја имаа гостите, Тијани Рајндерс стрелаше во третата минута, но Тимон Веленројтер одбрани. Следеше контранапад на домашните и гол на Игор Паиксао. Бразилскиот напаѓач шутираше малку откосо од работ на шеснаесетникот, но се чини дека подобро требаше да реагира гостинскиот голман Мајк Маињан.
Паиксао беше на чекор до гол и во 37. минута, но го погоди горниот дел од гредата. Четири минути подоцна Милан имаше одлична шанса за израмнување. Тоа беше брз контранапад по кој Рафаел Леао сам се упати кон противничкиот голман, но се сплетка во последните моменти, дозволувајќи им на противничките дефанзивци да го стигнат.
Рајндерс се закани во 71. минута, но шутираше над голот. Голема шанса имаше Милан и во 73. минута, но ударот на Самуел Чуквуезе одлично го одбрани Веленројтер. Феенорд можеше да го зголеми водството во 84. минута по контранапад на Анис Хаџ Муса, кој влезе во шеснаесетникот, ѝ „продаде“ финта на домашната одбрана и шутираше, но неговиот удар во последен момент го одбрани Павловиќ. Реваншот е на 18. февруари на „Сан Сиро“.
Бенфика во Кнежеството го совлада Монако со 1:0, со решавачкиот гол на Вангелис Павлидис во 48. минута. Тоа беше негов шести гол во девет настапи во Лигата на шампионите. По убавото длабоко додавање, Павлидис се ослободи од Салису, а потоа лесно го мина Мајецки. Нови проблеми за Монако стигнаа четири минути подоцна кога Ал Мусрати беше исклучен поради два жолти картони.
Тоа беше нивна втора средба оваа сезона во Лгиата на шампионите. Тие играа и во петтото коло, а Португалците во одличен натпревар победија со 3:2. Монако водеше со 1:0 и 2:1, но сепак загуби. Реваншот е на 18. февруари во Лисабон.
Претходно Клуб Бриж ја совлада Аталанта со 2-1. Домашните поведоа во 15. минута со голот на Феран Јутгл, а гостите израмнија во 41. минута со голот на Пашалиќ. Давиде Запакоста нафрли од левата страна, а Пашалиќ со глава погоди за 1:1. Белгискиот тим дојде до победата во четвртата минута од судиското надополнување од пенал, реализиран од Густаф Нилсон. Пашалиќ за гостите играше до 63. минута. Реваншот е на 18. февруари во Бергамо.
Во вторникот ПСЖ го совлада Брест со 3:0 на гости, Борусија Дортмунд со идентичен резултат го совлада Спортинг во Лисабон, додека Реал Мадрид со 3:2 славеше против Сити во Манчестер. Јувентус ја оствари единствената победа на домашен терен, славејќи со 2:1 против ПСВ Ајндховен. Реваншите се на 19 февруари.