Фудбалерот на Шкендија и стандарден член на младиот национален тим, Ване Крстевски ги сподели своите очекувања пред мечевите со Холандија и Гибралтар.
„Се наоѓаме на почетокот на сезоната, овој период секогаш е напорен, но се наоѓаме во добра форма што се однесува до физичкиот дел. Подготвени сме да да го дадеме максимумот на овие натпревари. Ако сакаме да оствариме позитивен резултат и да одиграме добар натпревар против фаворитот во групата, мораме сите заедно да одиграме тактички перфектно, да бидеме пожртвувани и борбени во текот на целиот меч.
На дуелот во Скопје, против Холандија одигравме одличен натпревар, со добра игра, многу борба и трчање. Се најдовме во неколку одлични ситуации за постигнување погодок, но реализацијата не беше на ниво. И на последните натпревари, се виде дека најголем проблем имавме со реализацијата. Создававме многу шанси, но не постигнувавме голови.Извлековме голема поука од тие средба, се надевам дека во Алмере ќе одиграме дуел кој резултатски ќе биде во наша корист.
Последните натпревари во овие квалификации сакаме да ги одиграме на високо ниво и да покажеме дека оваа селекција располага со квалитет“, изјави Крстевски.