Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, потврди дека германскиот интернационалец Каи Хаверц е многу блиску до враќање во тимот.
По тешката повреда на коленото која го оддалечи од терените уште од август, Хаверц би можел да се појави во составот веќе за следните неколку натпревари.
Хаверц мораше да оди на операција на коленото, а неговиот камбек беше дополнително одложен по малиот „застој“ во рехабилитацијата за кој претходно информираше германскиот селектор Јулијан Нагелсман. Сепак, 26-годишниот офанзивец веќе тренира со полн интензитет со првиот тим.
„Многу е блиску. Мислам дека е прашање на денови, а не на недели. Ќе видиме како ќе одговори неговото тело во следната фаза, но тој е играч кој многу ни недостигаше. Каи му дава на тимот една поинаква димензија и пресреќен сум што наскоро ќе го имаме на располагање“, изјави Артета по пласманот во полуфиналето на Карабао купот.