Фудбал

Избегната трагедија на мечот Германија – Данска (ВИДЕО)

Избегната трагедија на мечот Германија – Данска (ВИДЕО)

Германија ја победи Данска со 2-0 на „Сигнал Идуна Парк“ во осминафиналето на Европското првенство и се пласираше во четвртфиналната фаза, каде ќе игра против Шпанија.

Главниот судија на натпреварот Мајкл Оливер во 35-та минута беше принуден да го прекине мечот поради силно невреме со грмотевици во Дортмунд.

Прекинот, предизвикан од силниот дожд и град, траеше околу 25 минути. Но, тоа не беше единствениот необичен настан на натпреварот.

Имено, почетокот на второто полувреме беше одложен бидејќи непознат маскиран маж со ранец на грб се качи на покривот на стадионот.

„Едно лице се качи на покривот на стадионот во 22:27 часот. Полициските сили му пристапија за да разговараат со него и да му обезбедат безбеден пат за симнување од покривот. За да го направат тоа, полициски хеликоптер го осветли покривот на стадионот. Во моментот не можам да дадам информации за мотивот и идентитетот на тој човек“, изјави портпаролот на германската полиција, Петер Бандерман, во неделата вечерта, пренесува „Кикер“.

Ден подоцна, германските медиуми ги пренесоа наводите на полицијата дека станува збор за 21-годишен маж од Оснабрик, град кој се наоѓа северно од Дортмунд. Тој е уапсен, а полицијата истакна дека „во ниту еден момент не постоеше опасност за другите луѓе“.

Фотографите го уловија моментот кога капитените на Германија и Данска, Илкај Гундоган и Каспер Шмајхел, заедно со судијата Оливер гледаа кон покривот на стадионот во Дортмунд и ја следеа полициската акција.

„Дејли Мејл“ објави фотографии и снимка од маскираниот маж како чекори по гредите на стадионот каде Борусија Дортмунд ги игра своите натпревари. Специјалците извадија оружје и го бркаа додека не се откажа од бегството.

To top