Денеска во Хамбург во 18 часот ќе биде извршена ждрепката за групите на Европското фудбалско првенство што ќе се одржи идното лето во Германија. УЕФА денеска ги објави и четирите садови според квалитетот на репрезентациите кои се квалификуваа на континенталниот турнир.
Според правилата на ждрепката, домаќинот на првенството Германија го предводи првиот сад во кој се и останатите најквалитетни европски репрезентации како Португалија, Франција, Шпанија, Белгија и Англија.
Во вториот квалитативен сад се Унгарија, Турција, Романија, Данска, Австралија и Албанија. Потоа Холандија и Хрватска го предводат третиот сад заедно со Шкотска, Словенија, Словачка и Чешка.
Во најслабиот сад засега се познати само три репрезентации, а тоа се актуелниот бранител на трофејот Италија, потоа Србија и Швајцарија. Останатите три тима ќе бидат познати во месец март по завршувањето на плејоф натпреварите.
По ждрепката ќе се формираат шест групи со по четири репрезентации. Првопласираните и вторите репрезентации од групата ќе се пласираат во нокаут фазата на Европското првенство, каде ќе им се приклучат и четирите најдобро третопласирани селекции.
Турнирот стартува на 14 јуни 2024 година и ќе трае точно еден месец. Ќе се игра во 10 германски градови, а финалето ќе биде на „Олимпискиот стадион“ во Берлин.