Фудбал млада фудбалерка со голем сон

Грозданова: Мојот фокус е Јувентус, родителите и менаџерот се грижат за сè останато

Девојката која на 27 декември ќе наполни 17 години, со фудбал почнала да се занимава во фудбалската Школа „Кул“, каде што до нејзината 13 година тренирала и играла со момчиња и била единственото девојче во детската лига на Македонија.

Грозданова: Мојот фокус е Јувентус, родителите и менаџерот се грижат за сè останато

Младата македонска фудбалерка Меланија Грозданова која настапува за ЖФК Љуботен во иднина може да ја продолжи фудбалската кариера во италијанскиот фудбалски гигант Јувентус. Интересот за 16-годишна фудбалерка се смета дека е поради нејзиното стандардно место во првиот тим на репрезентацијата, пласманот во А-дивизија со У-19 како и значајната ефикасност со осум голови досега за ЖФК Љуботен и 12 погодоци претходната сезона за ЖФК Истатов.

– Јувентус е еден голем клуб на светско ниво, Италија е одлична држава, многу ми се допаѓа. Да бидам под нивна „лупа“ и „таргет“ на Јувентус за мене е мотив плус за да работам и тренирам уште повеќе, мојот фокус е на тоа. Моите родители заедно со мојот менаџер Дарко Мариќ (ДМ Менаџмент) се грижат околу сè останато. Ќе видиме, чувството е прекрасно, изјави Меланија Грозданова.

За Меланија пишува и Руди Галети, италијански спортски новинар со фокус на трансферите во овој спорт. Тој во текст посветен на Меланија вели дека нејзиниот напредок е толку импресивен што многумина ја гледаат како најголемото чудо од дете што го има произведено нејзината земја.

– Нејзиниот експлозивен стил на крило, во комбинација со нејзината самодоверба и физичко присуство, природно привлече споредби со Кристијано Роналдо. Дури и нејзините прослави на голови одразуваат слична харизма и амбиција. Висока, технички вешта и веќе покажувајќи менталитет на врвен играч. Јувентус внимателно ја следи и верува дека таа би можела совршено да се вклопи во нивниот долгорочен проект, потенцијално станувајќи идна ѕвезда во црно-белиот дрес, Грозданова ги има сите квалитети да стане големо име во европскиот фудбал, пишува Галети на неговиот веб-сајт.

Facebook / Grozdanova Melanija MG7

Девојката која на 27 декември ќе наполни 17 години, со фудбал почнала да се занимава во фудбалската Школа „Кул“, каде што до нејзината 13 година тренирала и играла со момчиња и била единственото девојче во детската лига на Македонија. Следуваат две години во ЖФК Скопје и минатата сезона во ЖФК Истатов, по што од годинава е дел од шампионскиот тим на тетовски ЖФК Љуботен.

– Интересот на шампионот ЖФК Љуботен беше непрекинат изминатите години, но јас проценив дека токму сега сум зрела да преминам во еден шампионски тим и да се носам со тој товар. За мене претставува голема чест што сум во трикратниот шампион на Македонија, Љуботен е голем клуб во нашата држава, можам да кажам брзо се вклопив во тимот, благодарение на моите соиграчи. Сакам победи до тимот, сакам да асистирам голови и секако да давам што повеќе во интерес за клубот, вели таа.

Нејзин фудбалски идол е Кристијано Роналдо, за кого вели дека засекогаш ќе и биде инспирација и совршен пример за врвен спортист, на кого сака да се огледува. Од женските фудбалерки идол и е Алиша Леман. (МИА)

To top