Одлуките на ВАР технологијата, која им помага на судиите, ќе бидат подетално објаснети и прикажани на големите екрани на стадионите на претстојното Европско првенство во Германија, кое започнува во петок.
Ова ќе се направи за да им биде појасно на навивачите и медиумите, соопшти Европската фудбалска федерација УЕФА, а пренесува германската новинска агенција ДПА.
Техничките објаснувања за одлуките што ВАР и судијата ќе ги донесат надвор од теренот ќе бидат прикажани и објаснети на големите екрани на стадионите, а на телевизиите ќе им бидат достапни за што поскоро да ги опишат причините за секоја одлука.
На пример, наместо на екранот да се прикаже дека е досуден пенал за играње со рака, како што беше обичај досега, новото објаснување подетално ќе покаже кој играч играл со рака, каде го удрила топката и зошто ја оправдува конечната одлука на ВАР.
Преминот кон потранспарентна процедура во средата во Минхен го претстави извршниот директор на Судискиот комитет на УЕФА, Роберто Розети.
Воедно рече дека судиите ќе можат да им ги објаснат одлуките на двајцата капитени на тимовите, но дека останатите играчи кои протестираат или бараат информации за одлуката ќе бидат опоменати со жолт картон.
Ова правило е веќе употребено во сите три финалиња од овогодинешните европски клупски натпреварувања.
– Тоа го правиме за следните генерации, за фудбалот и имиџот на играта, за младите фудбалери и младите судии – рече Розети, пренесе француската новинска агенција АФП.
Екипите кои имаат голман за свој капитен, пред натпреварот, ќе изберат играч во поле да го замени голманот и судијата ќе може да му ги објасни одлуките.