ПСВ Ајндховен по огромна борба и продолженија од два пати по 15 минути успеа да го елиминира тимот на Јувентус, успех во кој значаен придонес даде Иван Перишиќ.
Хрватскиот ветеран блескаше на овој двомеч, го постигна единствениот гол за ПСВ во Торино, а потоа и го отвори резултатот на синоќешниот реванш во Ајндховен, Перишиќ учествуваше и во акцијата за вториот гол на холандскиот тим пред да биде заменет, при што со овации беше поздравен од домашните навивачи.
Хрватот воедно и испиша историја во елитното европско натпреварување, станувајќи највозрасен играч што успеал да даде гол на два врзани меча од нокаут фазата во Лигата на Шампионите.
Перишиќ не е напаѓач, но успеа во тоа на возраст од 36 години и 17 дена. Годините навистина се само бројка за овој фубалски велемајстор.