Арсенал во моментот е лидер во пресрет на големото дерби кое на „Енфилд“ ќе го одиграат Ливерпул и Манчестер Сити, а додека во Северен Лондон владееше славеничка атмосфера, гостите од Брентфорд беа навистина разочарани.
Томас Франк смета дека неговиот тим бил оштетен во раната фаза на второто полувреме, кога Хаверц очигледно симулираше пенал, но за тоа не доби казна.
Германецот од претходно имаше добиено жолт картон, па според новите правила, глумење на прекршок се казнува со жолт картон и тоа требаше за Хаверц да биде крај на натпреварот.
Сепак, судиите проценија дека Хаверц не заслужува најстрога казна, а токму тој се покажа како кобен за одбраната на Брентфорд која до 86-та минута изгледаше одлично организирана.
– Многу сум горд на мојот тим и на моите играчи. Дојдовме да играме против Арсенал, дојдовме да се надигруваме против тим кој постигна 100 гола на последните неколку натпревари. Навистина ги лимитиравме и имавме дефанзивен мастерклас.За да биде уште понепријатно, Хаверц не требаше да биде на теренот кога постигна гол. Тоа беше чиста глума од него, можеби на главниот судија му беше тешко да види, но линискиот мораше да го види тоа. Моите играчи се бесни поради тоа, чувствуваме дека тоа беше чиста глума. Тоа мораше да биде втор жолт картон и до крајот на мечот требаше да се игра 11 против 10, – изјави Франк.