По претходните доминантни три кола во кои Барса постигна вкупно 16 гола, навивачите, а очигледно и новинарите, очекуваа синоќа до врв да ја наполни мрежата на претпоследнопласираниот тим во лигата Гетафе на домашен терен.
Тоа не се случи, погоди единствено Роберт Левандовски за триумф од 1-0 со што „каталонците“ ја зголемија својата серија на седум победи. Ова беше најнеефикасен меч откако е Ханси Флик тренер на Барселона бидејќи претходниот најлошиот ефект изнесуваше два постигнати гола, во првите три кола. Затоа, по натпреварот, германскиот стручњак доби чудно прашање од еден од новинарите: Само 1-0? Ама, одговори со стил.
„Колку бодови добиваме за 1-0?“, рече Флик, алудирајќи на тоа дека победа си е победа, особено во згуснат распоред имајќи предвид дека за Барселона синоќешниот натпревар беше трет во период од само шест дена, но и во ситуација кога тимот има дури осум повредени играчи. Минатиот четврток играше против Монако во Лигата на шампионите, а во неделата гостуваше кај Виљареал во домашното првенство.
По седум кола, Барса останува лидер на табелата со максимален ефект и четири бода предност пред Реал Мадрид.