Фудбал

ФК Вардар со соопштение пред дербито со Пелистер

ФК Вардар со соопштение пред дербито со Пелистер

Управата на фудбалскиот клуб Вардар се огласи со соопштение во пресрет на вечното дерби против битолски Пелистер, кое се игра во рамките на второто коло од Првата македонска фудбалска лига.

Натпреварот ќе се одигра на 18 август во 20:00 часот, а во консултација со ФФМ и МВР беа донесени повеќе важни и безбедносни заклучоци кои публиката ќе мора да ги почитува.

На денот на натпреварот влезовите на стадионот ќе бидат отворени во 18:00 часот, а југозападниот влез ќе биде наменет за членовите на навивачката група „Комити“. Сите останати посетители ќе можат слободно да влезат преку југоисточниот дел, а североисточниот влез ќе биде наменет за сите претставници на медиумите.

Забрането е внесување на тврди предмети (запалки, лименки, шишиња, монети и пиротехнички средства, алкохол и оружје), а во подтрибинскиот простор под јужната и западната трибина ќе се продаваат безалкохолни пијалоци во текот на целиот натпревар.

Влезовите на стадионите ќе бидат затворени дваесет минути по почетокот на мечот и секој што ќе го напушти стадионот нема да може повторно да влезе на трибините. Билетите за сите навивачи кои имаат членска карта од ФК Вардар ќе чинат 100 денари, додека за сите останати влезниците ќе чинат 200 денари.

Големото дерби помеѓу Вардар и Пелистер по подолго време ќе се игра во вечерен термин, па затоа се очекува голема посетеност на Арената „Тодор Проески“.

To top