Чави Ернандес по разделбата со Барселона е слободен агент, но сè уште нема информации каде би ја продолжил тренерската кариера. Шпанските медиуми известуваат дека тренерот ќе земе пауза од фудбалот и една година ќе одмора пред да најде нов ангажман, но тоа не е пречка да пристигнуваат голем број понуди на негова адреса.
Каталонецот прво беше во комбинација за тренер на Челзи, кој најверојатно ќе го ангажира Енцо Мареска, а неформални разговори имало и со Манчестер јунајтед и Милан, кои се обиделе да го тестираат пулсот на тренерот и да видат како размислува.
Сепак, единствената официјална понуда по разделбата со Барселона пристигнала од Фудбалскиот сојуз на Јужна Кореја, од каде што посакувале да го видат Чави како нивен селектор. Оваа понуда веднаш била одбиена од страна на каталонскиот тренер.