Рубен Аморим му пресуди на Маркус Рашфорд и нагласи дека попрво ќе го стави тренерот на голманите во игра, отколку англискиот репрезентативец, изјава со која јасно стави до знаење дека воопшто не смета на напаѓачот.
И покрај ваквиот став, Рашфорд засега ги одбива сите понуди и очигледно не планира така лесно да си замине од „Олд Трафорд“, а бидејќи оваа ситуација би била крајно бизарна за двете страни, Теди Шерингам реши да се наврати низ годините и да замисли како би завршила оваа ситуација со Сер Алекс Фергусон како менаџер.
– Не знам што се случува со Рашфорд и не ме интересира. Начинот на кој излезе во јавноста со изјава дека е подготвен за нов предизвик, целосно ме изненади. Кога тоа го прави странски фудбалер, нема голем проблем, но кога тоа го вели дете од Академијата, тоа не изгледа добро. Треба да знае колку е привилегиран што игра во Манчестер Јунајтед.
– Да беше Фергусон во клубот, досега ќе го истераше на клоци ако го кажеше тоа што го кажа. Со Ферги, досега сигурно ќе беше на друго место, но како и да е, сметам дека неговите денови во Јунајтед веќе се избројани, – потенцира Шерингам.
Славениот голгетер беше член на златниот тим на Ферги кој ја освои триплетата во 1999-та година, а и еден од хероите во чудесниот пресврт на „Камп Ноу“ против Баерн Минхен во финалето во Лигата на шампионите.