Италијанскиот фудбалер Леонардо Бонучи, даде навистина интересна изјава поврзана со дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Хари Мегваер.
Најскапиот стопер во историјата на фудбалот честопати е „мета“ на многу жестоки критики поради неговите грешки на теренот, но Бонучи смета дека Англичанецот е одличен играч и е пример кој треба да го следат многу фудбалери.
„И покрај сите напади, навреди и пцости, Мегваер издржа, продолжи да работи напорно и повторно се врати во првиот тим на Јунајтед. Пред две недели беше избран за играч на месецот во Премиер лигата. Што повеќе да зборуваме за тоа? Зарем има потреба? Човекот реши да докаже дека не е бадијала член на тој славен клуб и успеа во тоа. Сите треба да го следат неговиот пример.
Хари има неверојатен квалитет и фудбалска интелигенција. Некогаш индивидуалецот греши поради колективна негрижа, а не само поради еден човек. Погледнете, тој секогаш е стартер во англиската репрезентација. Штом селекторот има толку голема доверба во него, тоа мора да значи дека се работи за одличен играч. Во англиската репрезентација не може да игра било кој, туку само најдобрите“, изјави Бонучи.