Фудбалерите на Арсенал синоќа ја постигнаа една од најголемите победи во Лигата на шампионите во последните дваесет години од нивната историја, откако го декласираа Реал Мадрид со 3:0 во првиот четвртфинален натпревар.
„Топчиите“ победија со 3:0, а натпреварот со „Кралскиот клуб“ го одбележаа магичните голови од слободен удар на Деклан Рајс.
Рајс погоди двапати од слободни удари за само 13 минути во вториот дел, а по натпреварот шокантен факт сподели со јавноста тренерот на „Топчиите“, Баскиецот Микел Артета.
„Не сме постигнале гол од слободен удар од септември 2021 година, а вечерва против Реал Мадрид на нашиот стадион во Лигата на шампионите постигнавме два за 13 минути! Тоа е убавината на овој спорт, но тоа треба да го направите на највисоко ниво и против еден од најдобрите голмани во светот. Ако постои играч што може тоа да го направи, тогаш тоа е Деклан. Тоа е неверојатно“, изјави баскискиот стратег.
Интересно, 26-годишниот Рајс досега немаше никогаш постигнато гол од слободен удар, а на Реал му даде дури два.
Артета беше воодушевен од атмосферата на стадионот пред и за време на натпреварот.
„Никогаш не сум видел ваква атмосфера на стадион. Навивачите веќе пееја и играа пред натпреварот. За големите европски вечери ви требаат големи стадиони кои создаваат атмосфера и потребни ви се индивидуални магични моменти“, истакна Артета.
„Чувството е прекрасно. Многу сум среќен и горд на тимот. Имаме шанса да направиме многу луѓе горди и тоа сигурно го направивме“, заклучи тој.
Реваншот од четвртфиналето помеѓу Реал Мадрид и Арсенал се игра следната среда на стадионот „Сантјаго Бернабеу“ од 21 часот, а на „Кралскиот тим“ ќе му треба чудо за да ја надополни негативата и да се пласира во полуфиналето. Но, чуда се случувале, особено кога Реал е во прашање, па затоа Артета и Арсенал не смеат да се опуштат.