ТВ и Филм

Скарлет Јохансон обвинува: „Опен-АИ“ го копирала нејзиниот глас без дозвола

Американската актерка Скарлет Јохансон ја обвини фирмата „Опен-АИ“ (OpenAI) дека го копирала нејзиниот глас за еден од гласовните асистенти на „Чет-ГПТ“ (ChatGPT) а не ѝ дозволила на компанијата да го стори тоа.

Скарлет Јохансон обвинува: „Опен-АИ“ го копирала нејзиниот глас без дозвола

Американската актерка Скарлет Јохансон ја обвини фирмата „Опен-АИ“ (OpenAI) дека го копирала нејзиниот глас за еден од гласовните асистенти на „Чет-ГПТ“ (ChatGPT) а не ѝ дозволила на компанијата да го стори тоа.

„Минатиот септември добив понуда од Сем Алтман, кој сакаше да ме ангажира за да го позајмам гласот за постојниот систем ‘Чет-ГПТ 4.0’. Тој ми рече дека верува дека мојот глас може да го премости јазот меѓу технолошките компании и креативците и да им помогне на потрошувачите да се чувствуваат удобно во ‘сеизмичката промена’ што се случуваше за луѓето со вештачката интелигенција. Тој рече дека чувствува дека мојот глас ќе им биде познат на луѓето“, напиша Јохансон на својот интернет-простор.

Глумицата, „по многу размислување и од лични причини“, ја одбила понудата. Но, кога минатата недела „Опен-АИ“ го демонстрираше четботот „4o“ – најновиот главен јазичен модел на компанијата, „нејзините пријатели, семејството и пошироката јавност“ забележале дека потпрограмата „Скај“ звучи како неа.

Јохансон вели дека е „шокирана, лута и во неверување што Алтман ќе употреби глас што звучи толку морничаво слично на нејзиниот“, така што ни нејзините најблиски не прават разлика.

Алтман, според наводите, контактирал со нејзиниот агент два дена пред компанијата да го открие „ГПТ-4o“ и побарал од неа повторно да размисли, но таа вели дека го претставил системот пред таа да има можност да одговори.

– Гласот на „Скај“ не е гласот на Скарлет Јохансон и никогаш не беше намерата да личи на нејзиниот. Ја избравме „гласовната актерка“ пред каков било контакт со Јохансон. Од почит кон неа, оставивме време пред продолжување на употребата на гласот на „Скај“ во нашиот производ. Ние жалиме што не искомунициравме подобро, изјави претставник на „Опен-АИ“.

Во понеделникот, компанијата „Опен-АИ“ соопшти дека ја става „на пауза“ употребата на „Скај“ како дел од четботот и во подолга објава објаснува како се најмени професионални гласовни актери за виртуелните асистенти. „Опен-АИ“ и притоа одрекува „какви било сличности“ со гласот на Јохансон.

Овој потег, според Јохансон, доаѓа дури откако таа најмила правник кој напишал писма до Алтман и „Опен-АИ“ барајќи објаснување.

„Во време кога сите ние се бориме со ‘дипфејк’ и го штитиме сопствениот труд и идентитет, верувам дека тоа се прашања коишто заслужуваат целосно расчистување. Со нетрпение очекувам транспарентно решение и усвојување соодветен закон за да се обезбеди заштита на индивидуалните права“, додаде Јохансон во објавата.

Најнови вести од ТВ и Филм

To top