Во периодот до 17 март 2024 година ќе се снима мултиетничкиот краток филм „И покрај сè“, кој промовира дијалог и соработка помеѓу младите од различно етничко потекло.
Режисер на филмот е на м-р Кузман Кузмановски, а директор на фотографија е Филип Кондовски. Главните улоги ги толкуваат Бехреда Решит, Петар Мароски, Ива Илијевска, Бора Јовановска и Идеал Селмани, а во споредни улоги се јавуваат десетина млади таленти.
Филмот е во продукција на Здружението на граѓани Креативен Центар Тинтири Минтири, а ќе се снима на повеќе локации низ Скопје.
Проектот е поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како дел од проектот „Градење нови мостови – Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд “ („Building New Bridges – Youth Inter-Cultural Art Fund“).
Во период од шест месеци преку низа работилници и филмска обука, триесетина млади на возраст од 14 до 18 години добија обука во филмската сфера и остварија соработка со своите врсници од различно етничко потекло. Како краен резултат од оваа соработка се снима краткиот филм „И покрај сè“ кој ќе биде прикажан во кино и на телевизија.
Филмот премиерно ќе биде прикажан во април. (МИА)