Познати

Убиени режисерот Роб Рајнер и неговата сопруга, главен осомничен е нивниот син

Според првичните наводи на повеќе извори, Роб и Мишел се убиени од нивниот син Ник, пренесува „Пипл“. Полициски службеник потврди дека се испрашува член на семејството.

Убиени режисерот Роб Рајнер и неговата сопруга, главен осомничен е нивниот син

Полицијата во Лос Анџелес соопшти дека го истражува она што го опиша како „очигледно убиство“, откако две тела се пронајдени во домот на режисерот и глумец Роб Рајнер.

Гласноговорникот на Противпожарната служба на Лос Анџелес изјави дека биле повикани во дом во населбата Брентвуд, во којашто живеат многу познати личности, вчера попладне по локално време. На местото на двојното убиство се пронајдени Роберт – Роб Рајнер (78) и неговата 68-годишна сопруга Мишел Рајнер (порано Сингер). И двајцата се прогласени за мртви на самото место. Извор близок до американскиот филмаџија изјави за „Би-би-си“ дека двојката имала повеќекратни убодни рани.

Според првичните наводи на повеќе извори, Роб и Мишел се убиени од нивниот син Ник, пренесува „Пипл“. Полициски службеник потврди дека се испрашува член на семејството.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас рече дека смртта на Рајнер огромна загуба за градот и земјата.

– Придонесите на Роб Рајнер одекнуваат низ американската култура и општество. Тој го подобри животот на безброј луѓе преку својата креативна работа и застапувањето за социјална и економска правда, изјави Бас.

Таа додаде дека е „срцето ѝ е скршено“ поради смртта на Рајнер и неговата сопруга Мишел.

– Го познавав Роб и имам огромно почитување кон него. Сакам да им се заблагодарам на сите служби за итни случаи коишто интервенираа во овој инцидент. Истрагата е во тек. Ги држам во срцето сите што ги сакаа Роб и Мишел, нагласи таа.

Властите не објавија дополнителни детали за околностите на смртта.

Рајнер е еден од најпознатите режисери во Холивуд, а меѓу неговите филмови има класици како што се „Кралската невеста“, „Кога Хари ја запозна Сали“, „Мизери“, „Неколку добри луѓе“ и „Спинал тап“. Се здоби со телевизиска слава во 1970-тите, како Митхед во револуционерната тогаш хумористична серија „Сѐ останува во семејството“. Од 1971. до 1981., тој беше в брак со актерката Пени Маршал, а ја посвои нејзината ќерка Трејси Рајнер, исто така глумица. Во 1989., се ожени со Мишел Сингер, глумица и фотографка со која имаше три деца – Џејк, Ник и Роми.

Како фотограф, Мишел ја направи фотографијата од Доналд Трамп што се наоѓа на корицата на неговата книга „Трамп: Уметноста на договорот“.

Покрај неговата холивудска кариера, Роб Рајнер беше познат и по својот политички активизам. Тој се појави во реклами насочени против Џорџ В. Буш на претседателските избори во 2004 година и го поддржа тогашниот кандидат кај демократите – Џон Кери. Тој исто така ги поддржа и претседателските кандидати Ал Гор и Хилари Клинтон од Демократската партија.

To top