Познатиот филмски таен агент 007 – Бонд, Џејмс Бонд, со децении е еден од најпрепознатливите ликови во светската кинематографија. Неколкумина имале можност да го глумат 007 со текот на времето, но Шон Конери е првиот и омилениот кај многу обожавателите на филмовите засновани на романите на британскиот писател Ијан Флеминг.
Сепак, снимањето на филмови за Бонд не секогаш било без опасности. Во времето кога шкотскиот глумец го глумеше ликот, имаше акциони сцени, но специјалните ефекти не беа толку развиени како што се денес. Така, многу од опасните секвенци се снимани од каскадери, но и од самите глумци во главната улога, кои понекогаш на тој начин се доведувале до многу опасни ситуации. Таков инцидент се случил за време на снимањето на филмот „Доктор Но“ во Јамајка. Воопшто првиот „Бонд“ филм снимен со буџет од околу милион долари, честопати барал и импровизации на Конери со предизвикувачките сцени.
Продуцентот Теренс Јанг неодамна, за списанието „Фар аут“ (Far Out), опишува колку била опасна ситуацијата за британскиот глумец.
– Тој има голема среќа што тогаш остана жив. Речиси го убивме. Кога ја вежбавме сцената, тој возеше со пет до 10 милји на час (8 – 16 км/ч), само за да види дали може да помине под преградата, и помина за неколку сантиметри, раскажува Јанг.
Кога сцената конечно била снимена, автомобилот се движел многу побрзо, што дополнително го зголемило ризикот.
– Но, додека снимавме, тој возел со 40 или 50 милји на час (65 – 80 км/ч) – и одеднаш сфатил дека автомобилот отскокнува околу една стапка во воздух, а главата му оди повисоко од покривот. За среќа, последниот скок се случил непосредно пред да стигне до преградата и тој успеал да се симне и да падне под неа. Во спротивно ќе бил мртов, додаде продуцентот.
Самиот Конери подоцна зборувал за инцидентот на шега, потсетувајќи се на идејата за опасната сцена.
– Ако добро се сеќавам, замислата да одам под кранот беше идеја на Каби Броколи (познатиот продуцент на серијалот „Бонд“, з.п.). Можеби. Тој платил многу за осигурувањето, се пошегува ѕвездата на првите неколку филма од серијалот.
Иако инцидентот можеше да има трагичен исход, актерот се извлече неповреден и сними уште шест „007“ филмови, зацврстувајќи го својот статус како еден од најпознатите толкувачи на легендарниот таен агент. (МИА)